Дабар е интернационален предизвик (еден вид натпревар), наменет за ученици од основните и средните училишта (почнувајќи со 1во одделение), кој има за цел да ја промовира информатиката и сродните науки. Истиот се организира во повеќе држави, и е еден од најпопуларните натпревари во светот. Во продолжение се дадени неколку информации поврзани со натпреварот, правилата, начинот на регистрација и учество, како и државите кои земаат учество во овој натпревар.
Инаку, како идеја, Дабар има добиено повеќе награди на европски и светски конференции. Последната од нив е добиена на Европскиот самит за компјутерски науки, каде Дабар ја доби наградата "Informatics Europe Best Practices in Education". Со цел да ја промовираме оваа активност и во Република Македонија, се надеваме на поддршка од сите основни и средни училишта во Македонија. На тој начин, заедно можеме да ги промовираме компјутерските науки кај учениците, со што ќе придонесеме за нивниот развој како и развојот на нашата држава.
Натпреварот се организира во основните и средните училишта во Македонија, за време на часовите по информатика (или по некој друг предмет, доколку учениците немаат часови по информатика). Натпреварот се одвива преку компјутер, кој е поврзан на Интернет. Самиот натпревар се врши преку веб-сајтот http://talent.mk. За да земат учество во натпреварот, училиштата треба да определат еден или повеќе ментори (на пример, наставници по информатика), кој потоа треба да се регистрираат на системот за организација на натпреварот (talent.mk). Регистрацијата е брза и едноставна, и може да се заврши за 5 минути.
По регистрацијата, на системот ќе може да се преземе документ со повеќе информации за начинот на организација на натпреварот. Во основа, менторите ќе добијат само еден број (код), кој ќе биде презентиран на системот, и кој треба да се внесе на почетокот на натпреварот. Наставниците имаат две обврски: да го внесат кодот за учество, и да внимаваат на учениците за време на натпреварот.
Се надеваме дека што повеќе училишта ќе бидат заинтересирани за учество во овој натпревар, бидејќи е тој одлична можност за учениците да се запознаат со основите на информатиката. Од страна на наставниците, потребен е само мал напор (единствено да се внесе кодот на сите компјутери / што се прави само еднаш). По завршувањето на натпреварот, на е-маил адресите на наставниците и учениците, ќе биде испратен сертификат, како благодарност за учеството во натпреварот и помошта при неговата организација.
Дабар е глобален настан, и на него земаат учество голем број на ученици од повеќе земји во светот. Во продолжение е дадена опширна листа на земјите кои ќе земат учество на овој натпревар во 2019 година.
Системот за регистрација и учество е едноставен за користење, и не очекуваме поголеми проблеми за време на регистрацијата на училиштата или спроведувањето на натпреварот. Во секој случај, доколку имате одредени проблеми при спроведувањето на натпреварот, можете да ги контактирате организаторите на овој натпревар на dabar.makedonija@gmail.com.
Ние ќе се обидеме да ви одговориме на вашите прашања или сугестии во најскоро време.